Дводневен камп за млади за родова рамноправност се одржа во одморалиштето Михајлово, близу Кавадарци.

 

 

Настанот е дел од проектот “Пополни ги празнините” кој го реализира невладината организација на жени “Женско лоби” од Демир Капија, во соработка со невладините организации Младински центар “Креактив” и “Чекор кон Европа” од Кавадарци и демиркаписката Фондација “Ценет”.


„Основна цел на проектот е зголемување на јавната свест за важноста на родовата рамноправност и заштитата на женските човекови права. Една од специфичните цели на овој проект е изработка на листа на препораки и активности кои ќе се вклучат во програмата за работа при комисиите за еднакви можности во општините од Тиквешкиот регион“ - рече Менче Николова, проект координатор на “Женско лоби”.


Претходно, како дел од овој проект беше одржана работилница насловена “Родова рамноправност и женски права во Тиквешкиот регион”, која беше наменета за членови на невладини организации кои се занимаваат со оваа проблематика. Николова се осврна и на другите активности во рамките на проектот како печатење на едукативна брошура.


„Главната активност е месецот на родова рамноправност. Во негови рамки се предвидени и бројни работилници за средношколци и основци, јавни трибини против семејното насилство и изработка на видео спот и медиумска кампања насловена “Мажи за жени”“ - додаде таа.

 


Проектот трае од април до декември оваа година, а финансиски е поддржан од Екуменска иницијатива на жени од Република Хрватска.

Leave a comment