Популарно наречената Буба, за првпат е произведена во 1938 година во Германија, од најголемата автомобилската компанија Фолксваген. Официјално, Бубата се нарекува Фолксваген тип 1, но позната е и како Фолксваген бубачка.

Со производство од над 21 милион возила, Бубата претставува еден од најпродаваните автомобили на сите времиња. Буквално, Фолксваген (Volkswagen) значи народно возило или автомобил за народот. Идејата да се создаде народно возило, кое ќе биде едноставно по дизајн и кое секој ќе може да си го дозволи, не била нова. Пред да биде создадена Бубата, сите напори за помали и едноставни автомобили биле безуспешни или пак на крајот, нивната цена изнесувала повеќе од едногодишна плата на просечен работник. Во тоа време Адолф Хитлер, како дел од својата воена пропаганда, прогласува дека колата не треба да биде привилегија само на богатите. Во 1934 година тој го повикал Фердинанд Порше, веќе истакнат инженер за автомобили, за да му ја образложи неговата идеја за создавање автомобил кој ќе биде достапен за сите. Според Хитлер, новиот автомобил требало да биде мал, брз, издржлив, да собира 5 луѓе и неговата цена да изнесува не повеќе од 1.000 германски марки. Порше направил дизајни за 3 прототипови, од кои бил избран токму овој кој сите го знаеме. За своите воени цели, Хитлер посакувал возило токму како Бубата, мало, но доволно издржливо. Пред екот на војната, Бубите почнале да се произведуваат во новоотворената фабрика на Фолксваген во Волфсбург. Тежеле околу 500 килограми и се користеле на сите фронтови за време на војната. Тука се покажале толку издржливи, што за нив се велело дека ќе поминат и онаму каде што камилите не можат. Во 1955 година, Бубата станува првиот автомобил со годишно производство од над 1 милион возила годишно. Во САД, овој автомобил својата слава ја доживува многу подоцна, односно во 1971 година откако почнува да се произведува Супер Бубата. Сите овие години, Бубата еволуираше со многу подобри перформанси, како и со далеку помодерен надворешен и внатрешен дизајн. 

Leave a comment